Црногорскиот третолигаш Фанс Јунајтед доби неочекувана популарност и место во медиумите, откако објави дека се противи на формирањето на Суперлигата. Причината поради која светските медиуми пишуваат за тој клуб е еден лајк на Инстаграм на тој клуб. Тој лајк го даде Кристијано Роналдо.
Со ова Роналдо се приклучи на се поголемиот број спортисти кои отворено застанаа во одбрана на клубското натпреварување во организација на УЕФА.
Супер лигата повторно стана тема откако Судот на Европската унија пресуди дека УЕФА и ФИФА постапиле спротивно на законот за натпреварување кога ја забранија Супер лигата пред две години. Пресудата не значи дека дефинитивно ќе се формира Суперлига, туку само дека тоа треба да се дозволи во иднина. Основачи на Суперлигата се челниците на моќните европски клубови Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
Во својата одлука, Европскиот суд на правдата наведе дека ФИФА и УЕФА ја злоупотребиле својата доминантна позиција со забраната на клубовите да се натпреваруваат во Европската Суперлига (ЕСЛ), но тој проект можеби нема да биде одобрен бидејќи судот конкретно не одлучил за него.