Пред стартот на зимскиот преоден рок, Барселона го промовира првото засилување кое треба да ја зголеми конкуренцијата во нападот на каталонскиот тим.

Станува збор за 18-годишниот Бразилец, Витор Роке кој уште летоска потпиша со Барселона, но тогаш беше оставен на позајмица во Атлетико Параненсе. Планот беше тој да остане во Бразил до крајот на оваа сезона, но катастрофалната форма на Левандовски и тешката реализација на шансите, ги принуди челниците и стручниот штаб на Барса да реагираат и предвреме да го донесат Роке во своите редови.

 

Во март годинава тинејџерот дебитираше и за бразилската репрезентација за што најдобра препорака беа головите во дресот на Атлетико Параненсе. Само оваа сезона на 45 натпревари постигна 21 погодок и се очекува да биде светла иднина на Барселона која за него плати 40 милиони евра.

Се очекува Витор Роке да дебитира на 4 јануари кога Барселона ќе му гостува на Лас Палмас.