Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, откри дали најголемата ѕвезда на репрезентацијатa Лионел Меси ќе игра на натпреварот против Бразил во натпреварот од 13. коло од јужноамериканските квалификации за СП 2022 во Катар. Дуелот на јужноамериканските великани е закажан за 16 ноември во Сан Хуан.
Скалони изјави дека Меси целосно се опоравил од повредата на задната ложа поради која ги пропушти последните две средби на ПСЖ и потврди дека ќе игра.
„Меси е физички подготвен, тренираше и се беше во најдобар ред и ќе игра утре“, изјави Скалони во најавата за натпреварот.
Бразил е единствената јужноамериканска репрезентација која досега обезбеди настап на Светското првенство во 2022 година. Во моментов води во јужноамериканските квалификации со 34 бода, додека Аргентина е второпласирана со шест бода помалку.
„Ќе биде многу тежок натпревар. Бразил е лидер на табелата и веќе се пласира на Светското првенство“, додаде Скалони.
Аргентина е непоразена 26 натпревари по ред. Последен пат загуби во јули 2019 година против Бразил во полуфиналето на Копа Америка (0-2). Четирите најдобри селекции во јужноамериканските квалификации ќе се пласираат на Светското првенство, а петтопласираната ќе оди во меѓурегионалниот плеј-оф. Моментално местата кои водат до Катар ги држат и Еквадор (20) и Чиле (16), а Колумбија (16) засега е на позицијата која води во плеј-офот.