Екипата на Арсенал немаше среќа и го доживеа првиот пораз на домашен терен оваа сезона со што му го препушти на Ливерпул лидерското место на табелата во Премиер лигата.

Пред своите навивачи, „топчиите“ загубија од Вест Хем со 0-2 иако во текот на сите 90 минути беа апсолутно подобар тим. Упатија дури 30 удари кон противничкиот гол од кои осум во рамките, но ниеднаш не ја затресоа мрежата на Вест Хем. Од друга страна, „чеканите“ шутнаа само три пати, а два пати го совладаа голманот на Арсенал, Раја.

 

Можеби клучен момент на мечот беше првиот гол кој го постигна Соучек, но му претходеше сомнителна ситуација во која Боуен од аут ја извади топката и му асистираше на својот соиграч. И по прегледувањето на ВАР снимката, главниот судија го призна голот. Мавропанос во второто полувреме го зголеми водството на Вест Хем, а во шестата минута од судиското продолжение Бенрахма пропушти можност да го дотолчи Арсенал.

Сега тимот на Микел Артета е второпласиран со 40 бода, два помалку од Ливерпул, но во последните четири кола има само една победа.