Виктор Вембанјама не добива голема помош од соиграчите во Сан Антонио и неговите квалитети не доаѓаат посебно до израз, па така тој и неговите соиграчи доживеаја нов тежок пораз во новогодишната ноќ.
Спарси загубија од Бостон на домашен терен со 101:134, па иако гостите доминираа во секој поглед, дел од кошаркарите на Бостон се уверија дека во одредени ситуации, едноставно нема одбрана против францускиот „џин“.
Вембанјама со својата висина и долгите раце претставува нерешлива енигма за голем дел од чуварите, но рано утрово, Дерик Вајт одигра „легендарна одбрана“.
Кога виде дека Вемби се залетува да забие, Вајт едноставно му се тргна од патот и воопшто не се обиде да го блокира, па по мечот даваше одговор за својот потег.
– Не сум идиот, се надевав дека уште еднаш ќе ја тапне топката. Но, кога ја подигна, повеќе не ја видов. Од тој момент, сакав само да му се тргнам од патот, – изјави Вајт.