Кошаркарот на Реал Мадрид, хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња е избран за најскорисен играч во Евролигата за месец декември. Хрватскиот ас првпат во кариерата доаѓа до МВП признанието, а го заслужи со одличните настапи во дресот на актуелниот европски шампион Реал.
Тој беше вистински предводник на „кралевите“ во пет триумфи, против Олимпијакос, Панатинаикос, Баерн Минхен, Црвена Звезда и Партизан. Просечно бележеше учинок од 16 поени и пет скокови, со МВП индекс од 17,2 поени за просечни 24 минути на паркетот.
Марио Хезоња е само трет Хрват во историјата кој стигнал до ова престижно признание, а пред него тоа им појде од рака само на Анте Томиќ (трипати) и Дарио Шариќ (еднаш). Реал Мадрид е првопласиран во Евролигата со скор од 16 победи и само еден пораз.