Репрезентацијата на САД славеше убедлива победа против Србија во пријателскиот натпревар во Абу Даби со резултат 105:79.
Србија во овој натпревар беше рамноправна само во првата четвртина во која имаше и предност, а на крајот на семафорот стоеше изедначен резултат (28:28).
Некаде од средината на втората четвртина САД започна да ја зголемува разликата и да го трасира патот кон победата. Овој период заврши и со највисоката предност на кошаркарите на САД до тој момент од 14 поени. (59:45).
Во второто полувреме Србија беше далеку од некакво враќање во играта и избраниците на Стив Кер сигурно ја одржуваа предноста која во финишот одеше и до над 30 поени, на крајот таа изнесуваше 25 поени разлика.
Американците со сите ѕвезди „удрија“ на Србите, во стартната петорка беа Стеф Кари, Ембид, Холидеј, Џејмс и Тејтум, додека на клупата беа сите останати ѕвездени имиња кои имаа придонес. Кај Србите недостигаа Богдановиќ и Милутинов кои останаа на клупата.
Во третиот период се достигна дотогаш највисоката предност од 26 поени, а во последната четвртина САД водеше и со 30 поени разлика. На крајот, Србија претрпе убедлив пораз од американскиот „дрим-тим“.
За Србија ова е втор пораз во Абу Даби откако претходно беа поразени и од селекцијата на Австралија.