Ѓоковиќ го помина – патот до вечноста! Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ уште долго ќе ја памети 2023 година, која дефинитивно е една од најдобрите во неговата богата кариера затоа што го надмина вечниот ривал Рафал Надал и се запиша во историјата на спортот.
Сезоната за Србинот почна во Аделеида, каде што загуби само еден сет и тоа во финалето против Себастија Корда, а притоа се закити со неговата 92. титула во кариерата. После тоа продолжи да доминира на Австралија опен и ја освои 10-та титула во Мелбурн, а воедно и 22 гренслем-титула во кариерата со што го израмни тогашниот рекорд на Надал.
Ѓоковиќ потоа имаше настап во Дубаи, каде што беше во серија од 15 победи пред да загуби од Данил Медведев во полуфиналето, по што следеше пауза бидејќи му беше одбиена визата за влез во САД, што значеше и пропуштање на Индијан Велс и Мајами.
Најдобриот светски тенисер се врати во Монте Карло, но беше шокиран од Лоренцо Музети со 6-4, 5-7 и 4-6, а потоа следеше нов пораз на турнирот во Бања Лука.
Србинот набрзо доживеа и повреда на лактот, поради што го пропушти турнирот во Мадрид и многумина очекуваа негов крај, но Ѓоковиќ се врати посилен од било кога и го освои Ролан Гарос со што стигна до 23 гренслем-титули во кариерата.
Ѓоковиќ заигра и на Вимблдон, каде што во финалето се бореше против Карлос Алкараз, а по епски меч не успеа да ја освои титулата. Сепак, тоа не го разочара, туку дополнително го мотивира за да издоминира и во САД каде што ги освои трофеите во Синсинати и Ју-Ес Опен, а на крајот се закити и со пехарот на Завршниот турнир во Торино.
Рекорди кои ги постави Ѓоковиќ во 2023 година:
– Го продолжи владеењето на врвот на АТП и притоа ја надмина Штефи Граф (која беше рекордерка со 377 недели на првото место) и до 25 декември стигна до 405 недели на тронот.
– Го надмина рекордот на Надал од 22 гренслем-титули.
– Го зголеми бројот на настапи во финалињата на гренслем-турнирите од 32 на 36
– Го надмина рекордот на Роџер Федерер (46) по број на настапи во полуфинале на гренслем-турнирите.
– Го зголеми бројот на титули на Мастерс-турнири од 38 на 40.
– Го зголеми бројот на настапи во финале на Мастерс-турнири од 56 на 58.
– Го зголеми бројот на натпревари против топ-10 тенисери од 347 на 369.
– Го зголеми бројот на сезони завршени на првото место од седум на осум.