Францускиот ас Килијан Мбапе е една од најголемите ѕвезди во светот на фудбалот. Познато дека е огромна желба на Реал Мадрид, но англиските медиуми пренесуваат шокантни шпекулации дека можно е Французинот да ги одбие „кралевите“ и да заврши во Премиер лигата!
Реал и Мбапе „запнаа“ во преговорите минатото лето, а се шпекулира дека играчот особено бил навреден од начинот на кој шпанскиот клуб го терал да потпише пред-договор. Иако му беше понудена плата од 26 милиони евра по сезона и фасцинантни 130 милиони за потпис на договорот, сепак, тој ја одби понудата и реши до крај да ја одработи соработката со ПСЖ.
Летово станува слободен играч, а од Англија стигнуваат информации дека четири големи клубови се сериозно заинтересирани за неговиот трансфер. Сите четири не би имале проблем со големата плата на Мбапе, а тука се вбројуваат Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Арсенал. Најмали шанси им се даваат на „топчиите“, а исто така и Јунајтед би имал големи проблеми доколку не се пласира во Лигата на шампионите за следната сезона.
Манчестер Сити и Ливерпул сигурно не би имале ништо против да го ангажираат Французинот, а веќе се споменува и цифрата од 30 милиони евра годишна плата, плус 200.000 фунти за секој постигнат гол. Кога сѐ ќе се собере заедно, „граѓаните“ се издвојуваат како прв најсериозен кандидат, зашто познато е дека Ливерпул нема традиција на толкави плати за своите ѕвезди. Доколку Килиан Мбапе премине во редовите на актуелниот европски шампион, тогаш нивниот напад ќе изгледа навистина застрашувачки, заедно со неверојатниот Ерлинг Халанд.