Ракометарите на Македонија ќе се обидат да ја завршат групната фаза со триумф против Швајцарија, иако се свесни дека утре ги очекува многу тешка битка против квалитетен противник.
Голманот Никола Митревски изјави дека се подготвуваат за дуелот против Швајцарија и ќе се обидат да променат некои работи од претходните натпревари.
„Се подготвуваме за победа против Швајцарија, иако знаеме со каков квалитет располагаат бидејќи голем дел од нивните ракометари се дел од Бундеслигата. Да промениме нешто од претходните натпревари. Имаме квалитет и можеме да се носиме со Швајцарија повеќе отколку со Франција и Германија“, вели Митревски.
Голманот на мрежата на Македонија посочи дека техничките грешки имале големо влијание на претходните натпревари, па затоа и поразите биле убедливи.
„Доколку нападот не функционира, а противникот има контри и полу-контри секогаш е потешко да се брани, отколку кога имате добар напад и одбрана. Мислам дека не бевме лоши ‘шест на шест’, но не бевме добри во враќање во одбрана и спречување на контри против Франција и Германија. Овој натпревар има резултатско значење за тоа кој ќе заврши трет со оглед на баражот за Светско првенство. Сакаме да го добиеме овој натпревар, ќе дадаме максимум, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Мислам дека не сме изморени за да има голема разлика, иако е трет меч во групата. Можеби во минатото било поинаку, но сега имавме повеќе слободни денови меѓу првиот и вториот натпревар и мислам дека ќе бидеме физички подготвени“, кажа Митревски.
Натпреварот од третото коло во групната фаза на ЕП меѓу Македонија и Германија е закажан за 16 јануари од 18 часот.