Најтрофејниот шпански клуб Реал Мадрид нема да го брани пехарот од Купот на Шпанија откако во спектакуларен дуел со Атлетико Мадрид загуби со 2-4 по продолженија и доживеа болна елиминација.

„Црвено-белите“ со тоа се одмаздија за минатонеделниот пораз во полуфиналето од Суперкупот на Шпанија кога загубија со 3-5 во Ријад, исто така по продолженија, и со победата обезбедија пласман во четвртфиналето од Купот. Победата на Атлетико е апсолутно заслужена ако се знае дека домашниот тим го диктираше темпото, водеше со 1-0 и 2-1 преку Лино и Алваро Мората. Облак со една несреќна интервенција си постигна автогол а  Хоселу успеа да израмни, па го однесоа дуелот во дополнителни 30 минути.

Во продолженијата беше максимално драматично, а велемајсторот Гризман во 100. минута по трет пат го донесе Атлетико во водство после извонредниот соло продор. Реал нешто подоцна постигна гол, но тој беше поништен поради офсајд на Белингам. Конечниот резултат го постави Рикелме во 119. минута по еден брз контранапад.

 

Поразот од Атлетико значи дека Реал и по 35 години нема да ја освои двојната круна во шпанскиот фудбал (трофеи во првенството и Копа дел Реј). Последен пат тоа го направи во 1989 година, а оттогаш не беше ни блиску до овој потфат бидејќи рано испаѓаше во Купот или од трката за титулата во Ла Лига.

Покрај Атлетико Мадрид, пласман во четвртфиналето од Копа дел Реј обезбедија уште тимовите на: Барселона, Атлетик Билбао, Селта, Мајорка, Реал Сосиедад, Жирона и Севиља. Ждрепката за следната фаза ќе се одржи утре во 13 часот.