Барселона прокоцка два гола предност, па победи со два гола разлика дури во судиското продолжение. Фудбалерите на Барса дојдоа до третиот триумф по ред во Ла Лига, откако вечерва како гости триумфираа над незгодниот Бетис (4-2) во меч во кој непотребно се доведоа во ситуација да стравуваат до самиот крај.

Каталонците одлично го отворија натпреварот, па преку Феран Торес поведоа во 21. минута, додека пред крајот на полувремето Левандовски постигна уште еден гол, кој беше поништен поради офсајд по реакција од ВАР собата. Торес, сепак, ја круниса надмоќта со својот втор гол на самиот почеток од второто полувреме, по што сите помислија дека работите се завршени на оваа средба. Но, така не мислеа домашните фудбалери на Бетис, кои со двата гола на Иско во период од три минути (56. и 59.) дојдоа до изедначување.

Барселона имаше неколку шанси да го реши мечот во регуларниот дел, а Ламине Јамал на два пати ја погоди стативата по еднаш во двете полувремиња.

 

 

Барселона продолжи да напаѓа, што беше крунисано во последната минута од регуларниот дел, кога Жоао Феликс одново ги донесе до водство и тоа само девет минути по влегувањето во игра. Точка на средбата стави Торес, кој го комплетира својот хет-трик на оваа средба.

Екипата од „Камп Ноу“ со овој триумф дојде до 44 бода и остана третопласирана, зад Реал Мадрид со 51 бод и Жирона со 49 бода.