Баерн Минхен брзо се опорави по неочекуваниот кикс минатиот викенд кога загуби дома од тимот на Вердер (0-1), па вечерва на „Алијанц арената“ дојде до победа во пресметката со Унион Берлин, но со релативно бледа игра и со само еден гол во мрежата на гостинот.
Баварците победничкиот гол го постигнаа на стартот од второто полувреме преку Гереро, а набрзо потоа мрежата на берлинците ја затресе и Хари Кејн, но неговиот гол беше поништен по реакција од ВАР собата. Домаќинот напаѓаше постојано, но не создаде премногу идеални шанси за сместување на топката во противничката мрежа. Кон средината на вториот дел се случи голем инцидент по кој беше исклучен гостинскиот тренер, Ненад Бјелица, кој се дрзна да го удри противничкиот фудбалер, Лирој Сане, во лицето.
Ова беше заостанат меч од 13. коло по кој Баерн Минхен дојде до 44 бодови и сега има четири помалку од лидерот Баер Леверкузен, а дури десет повеќе од третопласираниот Штутгарт.