Белоруската тенисерка Арина Сабаленка е прва финалистка на Австралија Опен откако во денешниот полуфинален натпревар ја победи Коко Гоф со 2-0 (7-6, 6-4).
Сабаленка доби можност в сабота да го брани трофејот од минатата година и вторпат во кариерата да слави на овој Гренд слем. Изгледа дека Сабаленка многу лесно дојде до победата, во реалноста не беше така.
Таа водеше со 5-2 во првиот сет, а на 5-3 имаше и сервис со кој можеше да поведе со 1-0. Гоф се врати во игра и со четири гема во серија направи тотален пресврт и, исто така имаше можност да стави точка на првиот сет, во своја корист. Место тоа, дозволи противничката да се врати, да израмни на 6-6 и во тај-брејкот да дојде до предност во сетови.
Во вториот сет немаше толку брејкови, клучен беше деветтиот гем во кој Сабаленка ја искористи втората брејк-топка и потоа на свој сервис стави точка на мечот.
Во финалето, Белорусинката ќе игра против Женг од Кина. Кинеската тенисерка Кинвен Женг славеше со 2-0 во сетови (6-4 и 6-4) против Украинката Дајана Јастремска и обезбеди пласман во финалето на Австралија опен.