Ракометарите на Франција по четврти пат ќе играат во финалето на Европското првенство, откако вечерва, во првото полуфинале во Келн, во натпревар со неколку спектакуларни пресврти и дури по продолженија ја совладаа Шведска (34-30).

Ова беше пресметка помеѓу две супер ракометни сили, според сценарија од највозбудливите филмови на Хичкок, со неколкуте ситуации во кои некој од тимовите можеше да дојде до триумф. „Галските петли“ одиграа совршено прво полувреме и водство од шест гола разлика (17-11), но следуваа пеколни 30 минути на Швеѓаните. Скандинавците во последната минута влегоа со огромни 27-25. Сепак и тоа не се покажа доволно за седмо финале, бидејќи противникот прво намали, па потоа тие направија чекори. Последниот напад на Французите беше спречен, остана да се изведе само „слободен удар“ и скандинавските навивачи веќе почнаа да слават на трибините во Келн. Пранди од полусвртување упати вистинска бомба која го изненади дури и феноменалниот голман Паличка, кој беше херојот до тој момент.

Ова значеше две продолженија по пет минути, кои француските ракометари го почнаа со три гола во низа, предност која потоа ја задржаа до самиот крај. Швеѓаните не успеаја да се вратат по шокот на крајот од регуларниот дел и останаа без шанса за шестото европско злато. Иго Дескат со осум голови беше најпрецизен кај Франција, додека Дика Мем реализира шест, а Ремили пет погодоци. Клар со девет голови беше најефикасен кај Шведска.

Натпреварот перфектно го водеа македонските судии Начевски и Николов.

Вториот финалист ќе биде познат вечерва, по второто полуфинале помеѓу Германија и Данска (20.30 часот).

https://twitter.com/i/status/1750949110847361206