Уште едно изненадување се случи на Африканскиот Куп на нации! Првиот фаворит за трофејот од пред турнирот, репрезентацијата на Мароко е елиминирана во осминафиналето после поразот од 0-2 против Јужна Африка. Натпреварот одигран на „Стејд Лаурен Поку“ во Сан Педро понуди вистинска драма и голем триумф на аутсајдерот.
Во првото полувреме Нусар Мазрауи успеа да ја погоди мрежата на Јужноафриканците, меѓутоа ВАР-собата реагираше и поради недозволена позиција голот беше поништен. Одговорот на тоа дојде во вториот дел, Евиденс Макгопа на асистенција од Зване постигна гол за предност на Јужна Африка од 0-1.
Започна фуриозен атак на Мароканците кои не успеваа да најдат пат до противничката мрежа. Ниту серијата измени и пеналот кој го добија не беа доволни. Ашраф Хакими не успеа да го реализира и ја погоди пречката, па тоа дополнително го изнервира фаворитот. Пред крајот Софијан Амрабат беше исклучен поради втор жолт картон, а во судиското продолжение Тебохо Мокоена директно од слободен удар со маестрален гол го совлада голманот Боно, ија запечати победата за конечни 0-2.
Во четвртфиналето репрезентацијата на Јужна Африка ќе игра против Зеленортската република.