Фудбалската репрезентација на Мали се пласира во четвртфинале од Африканскиот Куп на нации, откако во првата рунда од нокаут-фазата победи со 2-1 (1-0) над Буркина Фасо.
Единствениот гол во првото полувреме беше постигнат по комичниот автогол на Табсоба уште во третата минута и фудбалерите на Мали водеа на паузата со 1-0. Вториот дел донесе повеќе возбудувања за публиката, Синајоко најпрво зголеми на 2-0 во 47. минута, но Буркина Фасо се врати во игра со голот на Бертранд Траоре, кој прецизно реализираше пенал десет минути подоцна.
Буркина Фасо се обидуваше да дојде до целосен „кам-бек“ и евентуални продолженија. Сепак, Мали успеа да ја сочува предноста, триумфирајќи со конечни 2-1 и пласман меѓу осумте најдобри.
Селекцијата на Мали во четвртфиналето ќе има исклучително тешка задача, затоа што ќе има пресметка домаќинот и еден од главните фаворити за трофејот, Брегот На Слоновата Коска.