Барса е во сериозни проблеми во пресрет на гостувањето кај Алавес во сабота. Реал може да избега на 10 бода доколку „кралскиот клуб“ го победи Хетафе, а во последните три натпревари тимот на Чави забележа два порази, меѓу кои и елиминацијата од Атлетик Билбао во Купот.
Синоќа каталонскиот тим успеа да ја победи Осасуна, но и тој натпревар не помина без „жртви“.
Барселона на почетокот на оваа недела го загуби Жоао Феликс поради повреда, а синоќа и Феран Торес уште во седмата минута мораше да го напушти теренот со Осасуна поради проблем со мускулот, па и тој ќе отсуствува неколку недели.
Тоа значи дека вкупниот број на повредени играчи во Барселона се искачи на деветмина, оставајќи го Чави Хернандез со само 12 сениори. Се чини дека екстремно младите играчи Ламин Јамал, Хектор Форт, Пау Кубарси и Марк Гују сега се дел од првотимците на Чави.
Покрај Феран Торес, Чави не може да смета уште на: Тер Штеген, Балде, Маркос Алонсо, Сержи Роберто, Ињиго Мартинез, Гави, Рафиња и Жоао Феликс. За Гави и Балде сезоната е завршена, а Феликс ќе отсуствува најмалку два месеца. Во вакви услови, шампионската титула веројатно е невозможна мисија, но предизвик за Барселона ќе биде да остане во топ-4 и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите за идната сезона.
Но, проблемите не завршуваат тука. Роналд Араухо и Жоао Кансело исто така пријавиле болки во коленото по натпреварот со Осасуна. Двајцата се клучни играчи и без нив Чави ќе мора да се потпре на Форт како лев бек и на Андреас Кристенсен во централната дефанзива.