Валенсија им се врати на победите во Примера и славеше над „фенерџијата“ Алмерија со 2-1 (2-0) во натпревар од 23. коло. „Лилјаците“ уште во првиот дел најавија дека ќе одат по целиот плен и трите бода, беа порасположени за игра и заслужено стигнаа до десеттиот триумф оваа сезона во шпанската лига.

 

Хуго Дуро и Јаремчук донесоа рано водство за домашниот тим и Валенсија водеше со 2-0 по 23 минути игра, но и Алмерија во првиот дел делуваше како тим кој може да го загрози противникот. Гостите во првите 45 минути не постигнаа гол, а истиот резултат остана и на паузата меѓу двете полувремиња.

Алмерија започна поофанзивно на стартот од вториот дел. Последнопласираната екипа упати три удари во рамките на голот, а наградата пристигна кога Арибас ја затресе мрежата на домаќинот во 50. минута за почесен погодок за гостите. Валенсија беше решена да ги стави работите под контрола, па во продолжение немаше премногу конкретни шанси, но делуваше прилично стабилно и цврсто на средината од теренот.

Избраниците на тренерот Рубен Бараха умешно ја сочуваа предноста и на крајот остварија нова победа во Примера со 2-1. „Лилјаците“ сега имат 35 бода и се наоѓаат на седмата позиција, додека Алмерија е веројатен патник во Сегунда, со само шест освоени бодови.