Аталанта од Бергамо, му одржа вистинска фудбалска лекција на римски Лацио и славеше убедливо со 3-1 (2-0) во натпревар од 23. коло во италијанската Серија А.
Фудбалерите на Џан Пјеро Гасперини максимално расположени влегоа во пресметката со римјаните и водеа со 2-0 уште во првото полувреме. Најпрво Пашалиќ погоди во 16. минута, а Де Кетелар беше реализатор од пенал во 42. минута и го постави резултатот на паузата.
Аталанта продолжи со офанзивна игра и во второто полувреме, имаше повеќе од играта и уште четири пати се закани кон гостинскиот гол. Тоа вроди со плод, па лацијалите одново капитулираа во 76. минута, кога Чарлс Де Кетелар го постигна својот втор гол на дуелот. Маурицио Сари беше лут на своите играчи и им нареди поофанзивна игра, а тоа резултираше со почесен погодок во 84. минута. Лацио се избори за пенал, кој прецизно беше реализиран од Чиро Имобиле, кој воедно ги постави и конечните 3-1.
Римскиот клуб Лацио останува на деветтата позиција со 34 бода и го забележа првиот пораз после четири победи и едно реми, додека Аталанта привремено се зацврсти на четвртото место и сега има 39 бодови.