Екипата на шкотски Абердин веќе пет натпревари по ред нема победа во шкотското првенство, откако загуби на гости кај Ренџерс Глазгов со 1-2, а дуелот го одбележа и македонскиот напаѓач Бојан Миовски кој постигна прекрасен гол.
Ренџерс во седмата минута преку Матондо постигна гол за предност од 1-0, а во завршницата на првиот дел Миовски одлично се избори со ривалот, по што го матира Рос за 1-1.
Кантвел ги врати домашните во водство во 72. минута, а во продолжение од средбата Стерлинг заработи црвен картон и тоа му овозможи на Абердин да се обиде да стигне до израмнување, меѓутоа не успеа во намерата.
Ренџерс се наоѓа на делба на првата позиција со Селтик со по 58 бодови, додека Абердин е на деветтата позиција со 25 бода.
Миовски беше најзаслужен за големото реми на Абердин против Селтик, а својата врвна форма ја докажа и против Ренџерс.
Но, малку фалеше „Ајброкс“ да тагува, затоа што во 90. минута, токму Миовски се најде во позиција за нов гол но овој пат не успеа да го совлада искусниот Батланд, откако неговиот удар беше блокиран.
Миовски со 13. гола е најдобар стрелец на Абердин оваа сезона, и е на второто место во шкотскиот шампионат. Повеќе голови од него има само Шанкленд од Хартс кој има 16.