Фудбалерите на Атлетик Билбао со минимална предност се враќаат од гости кај Атлетико Мадрид (0-1) од полуфиналниот двомеч во кралскиот куп. Баскијците стигнаа до победа на „Ванда Метрополитано“ и во Баскија ќе имаат гол предност во трката за финале.
Првата шанса на натпреварот ја имаше Антоан Гризман, но топката заврши над голот на гостите. Дефанзивецот на домашните Реинилдо имаше невнимателен старт и направи пенал, а сигурен од 11 метри беше Алекс Беренгуер и Атлетик Билбао во 25. минута дојде во водство со 0-1. До полувремето „јорганџиите“ се обидоа да се вратат преку Депај и Гризман, меѓутоа промена на резултатот немаше.
Фудбалерите на Симеоне и во вториот дел, се обидуваа да се вратат резултатски и се заканија преку Самуел Лино во два наврати. Билбао добро го бранеше својот гол, а во судиското продолжение судијата Хернандез покажа пак на белата точка. Сепак, по преглед на снимката во ВАР собата се испостави дека имало офсајд позиција и одлуката беше променета на среќа на гостинските фанови.
Реванш натпреварот на „Сан Мамеш“ во Билбао е закажан за 29 февруари во терминот од 21:30 часот.