Фудбалската репрезентација на ДР Конго загуби во полуфиналето на Африканското првенство од Брегот На Слоновата Коска, но фудбалерите во својата земја беа прогласени за херои. Заради одличниот резултат, а и поради гестот што го направија пред почетокот на дуелот.
Сите репрезентативци на Конго за време на интонирањето на химната ги прекрија своите усти со рацете и симболизираа пиштол во слепоочницата, како знак на револт против бруталната граѓанска војна и смртта на милиони Конгоанци во последните три децении. Сите играчи застанаа одлучно и силно против разорната војна, а тоа наиде на огромно воодушевување кај домашната јавност.
Пораката на конгоанските фудбалери стана вирална ширум светот, а од сите страни доаѓа поддршка за нив и нивната држава. Обединетите Нации ветија активно вклучување во примирјето, а Светската здравствена организација континуирано испраќа помош во форма на храна и лекови.