Екипата на Лацио го совлада фаворитот Баерн и со минимална предност ќе оди на реваншот во Минхен.
Лацио умешно го чуваше својот гол и дочека момент во 69.минута кога Упамекано стартуваше грубо против Исаксен во шеснаесетникот и доби црвен картон, а домаќинот доби и пенал. Чиро Имобиле беше успешен реализатор и обезбеди минимална предност од 1-0 за италијанскиот тим пред реваншот на „Алијанц арена“ во Минхен.
Фудбалерите на Лацио запишаа огромна победа против Баерн Минхен (1-0). Натпреварот на „Олимпико“ во Рим мина во знакот на тактичкото надмудрување на Маурицио Сари и Томас Тухел, немаше претерана убавина во играта и премногу шанси, а човек на одлука беше капитенот Чиро Имобиле кој со гол од пенал донесе победа.
На самиот старт баварците имаа две полушанси во кои Џошуа Кимих и Хари Кејн не успеаја да го матираат домашниот голман. На спротивната страна се обиде Луис Алберто исто така неуспешно, а до полувремето за баварците се заканија Сане и Горецка, но безуспешно. Лацио тргна одлично по паузата. Момците на Сари целосно се наметнаа и го притиснаа гостинот. Колосална шанса имаше младиот Густав Исаксен, кој излета очи во очи со Мануел Нојер, а германскиот голман ефектно му го одбрани ударот.
Реванш натпреварот на овие ривали е на програмата на 5 март во Минхен.