Баер Леверкузен цврсто гази кон титулата во Бундеслига, славејќи уште една нова победа, денеска над Хајденхајм со 1-2. Натпреварот од 22. коло донесе многу динамична игра и возбудувања за публиката, а екипата на шпанскиот стратег Чаби Алонсо ја покажа својата сила и заслужено се враќа дома со нови три бода.
Фармацевтите дојдоа во водство од 0-1 со голот на Џереми Фримпонг, пред истекот на првото полувреме, а другите голови беа постигнати во последните десетина минути. Најпрво Леверкузен зголеми на 0-2 преку Амин Адли во 81. минута, а конечните 1-2 ги постави Пирингер, кој погоди на три минути до истекот на регуларното време.
Леверкузен сега има осум бода предност пред Баерн Минхен, кој има натпревар помалку, додека Хајденхајм е во сигурната зона и ја зазема 10. позиција со вкупно 27 бодови.
На останатите натпревари, Мајнц го совлада Аугзбург со минимални 1-0, Унион Берлин оствари важна победа на гости кај Хофенхајм со 0-1, Штутгарт триумфира кај Дармштадт со 1-2, додека Волфсбург и Борусија Дортмунд ги поделија бодовите во ремито 1-1.