Најдобриот европски тренер на сите времиња, Жељко Обрадовиќ, не им дозволи на странските кошаркари од Партизан со репрезентативни обврски да ги одиграат вторите средби за националните селекции, со што ѝ направи голема услуга и на Македонија.
Предводникот на црно-белите го повлекол и Матеуш Понитка, најдобриот кошаркар на Полска, против која утре ќе го одиграме вториот натпревар во квалификациите за ЕП 2025.
„Партизан не му дозволи на Понитка да остане кај нас. Ниту ние, ниту кошаркарот можеме нешто да кажеме во оваа ситуација. Тој мора да се врати во Белград бидејќи тоа од него го побарал директно тренерот Обрадовиќ“, изјави Игор Миличиќ, селекторот на полската национална селекција.
Освен за полскиот репрезентативец, ова барање на Обрадовиќ важи и за Џејлен Смит, кој нема да настапи за Хрватска против Кипар за што беше нападнат од хрватските медиуми, како и за Бруно Кабокло и Зек Ледеј. Тоа, сепак, нема да важи за српските репрезентативци, на кои им дозволил да настапат за Србија на утрешното гостување кај Грузија.
Без разлика на мотивот, одлуката на легендарниот српски тренер и тоа како ѝ оди во прилог на Македонија, особено по завчерашниот пораз на домашен терен од Естонија. Понитка на првиот меч на Полска на гости кај Литванија (64-83) одигра дури 34 минути и постигна 13 поени.