Тотенхем извојува важна победа во 27. коло од англиската Премиер лига на домашен терен славеше со 3-1 над Кристал Палас. Избраниците на Анге Постекоглу ја обезбедија победата во последните 15 минути и донесоа огромна радост за своите фанови.
Еберечи Езе донесе предност за гостинскиот тим во 59. минута, но тоа како да го налути Тотенхем, кој во продолжение комплетно го разби лондонскиот ривал и на крајот заслужено славеше со конечни 3-1. Тимо Вернер најпрво израмни на 1-1 во 78. минута, а пресвртот дојде само две минути подоцна, кога Кристијан Ромеро погоди за прво водство на „петлите“. Конечните 3-1 беа дело на Кореецот Сон, кој ја затресе мрежата во 88. минута и ја обезбеди петнаесеттата сезонска победа за својот тим.
Тотенхем сега има 50 бодови и останува на петтата позиција во Премиер лигата, додека за Кристал Палас ова беше тринаесетти пораз сезонава и останува на 28 освоени бодови.