Елиф Елмас влезе на пет минути до крајот на натпреварот, но не успеа да му помогне на својот тим да стигне до триумф на Бернабеу.
Екипата на Лајпциг во текот на дуелот пропушти многу идеални шанси за гол кои можеа да донесат поинаков исход на мечот, па германскиот тим можат да жали што не успеа да направи сензација.
Биковите“ тргнаа храбро и без премногу респект за најтрофејниот европски клуб во Мадрид. Германците беа апсолутно поконкретни и креираа повеќе шанси, а највредни за издвојување се ударите на Лоис Опенда во два наврати, како и оној на Чави Симонс кој заврши со интервенција на Лунин.
Вториот дел не понуди многу промени во темпото. РБ Лајпциг беше поопасен, и пак во неколку наврати шанси имаше Опенда. Реал играше мирно и затворено, чекајќи шанса преку контра напад. По промашувањата на германскиот тим, стигна казната со водечки гол на Винициус Жуниор. Бразилецот одлично втрча меѓу непоставената одбрана на гостинот, доби топка од Белингем и ја смести во мрежата на Гулашчи за 1-0 во 65. минута.
Три минути подоцна дефанзивецот Орбан даде гол со глава за 1-1 и интересен финиш на натпреварот.
Германците до крајот се обидуваа да постигнат втор гол кој ќе го однесеше натпреварот во продолженија, но не успеаа. Во 92. минута Олмо ја погоди пречката, Реал Мадрид среќно го сочува резултатот и обезбеди место во следното коло.