Италијанскиот претставник Милан и францускиот Олимпик Марсеј направија значаен чекор кон пласман во четвртфиналето на Лигата на Европа, Милан славеше дома против Славија Прага со 4-2, додека Олимпик Марсеј беше уште поубедлив и со 4-0 го демолира Вилјареал.

Фрајбург го победи Вест Хем со 1-0, додека Бенфика и Ренџерс одиграа 2-2

„Росонерите“ играа со фудбалер повеќе од 26. минута и го искористија тоа, да ја наполнат мрежата на Чесите и постигнат четири гола. Сепак, потфрли одбраната која од два шута прими два гола, па во возвратниот дуел идната недела Милан ќе мора да ја сочува солидната предност.

 

Исклучително интересни беа последните десетина минути од првото полувреме во кое беа постигнати четири гола. Жиру го постигна водечкиот гол за Милан, Дудера израмни, а Рејндерс и Лофтус-Чик го однесоа Милан на 3-1 на полувреме. Шранц на средината од вториот дел го намали водството на домашниот тим, но Пулишиќ не дозволи изненадување и ги постави конечните 4-2.

Францускиот Марсеј оствари убедлив триумф на домашен терен со победата над Виљареал со 4-0. Два пати прецизен беше Обамејанг, еднш Верту, а автогол си постигна Москера.

Шпанскиот тим одигра натпревар под своите можности, а разиграниот Марсеј уште еднаш докажа дека под водство на Гасе е сосема друг тим, во однос на оној кој што го водеше италијанската ѕвезда Џенаро Гатузо. Водечка сила на францускиот тим и вечерва беше искусниот Обамејанг со два гола.

Бенфика во вториот дел успеа да ја анулира предност на Глазгов Ренџерс и за Шкотска ќе замине со 2-2.

Со голот на Грегорич во вториот дел екипата на Фрајбург го совлада Вест Хем со 1-0 и со минимална предност ќе патува за Лондон.