Вечерва ќе се одиграат уште два натпревари во осминафиналето на Лигата на шампиони, каде тимот на Барселона без неколку ѕвезди го пречекува италијанскиот Наполи, додека Арсенал на „Емирати“ ќе гледа како да ја надокнади негативата против Порто.
Стратегот на Барселона, Чави Ернандез не може да смета на Педри, Де Јонг, Гави и Рафиња, а тоа ќе се обиде да го искористи Наполи кој доаѓа во најсилен состав во Каталонија.
„Ние нема да заборавиме дека сме Наполи и ја знаеме нашата вредност. Одиме во Барселона за да играме квалитетен фудбал. На крајот ќе видиме кој ќе биде подобар и кој ќе игра во следното коло. Јас сум оптимист, имаме реални шанси“, кажа тренерот на Наполи, Франческо Калцона.
Арсенал пак имаше проблеми во завршницата на гостувањето во Португалија, но тренерот Микел Артета и неговите избраници ќе се обидат на реваншот да ги поправат грешките од првиот натпревар.
„Топчиите“ се во одлична форма и имаат осум победи на последните девет натпревари во сите натпреварувања, односно единствениот неуспех им е против Порто, а за потценување не се ниту гостите кои имаат шест дуели по ред без пораз.