Бразил триумфираше на гостувањето кај Англија со 1-0 во пријателски дуел на „Вембли“, а единствениот гол беше дело на новото бразилско чудо, талентираниот Ендрик.

Фудбалската репрезентација на Бразил стави крај на лошата серија и победи првпат по 13 септември. „Кариоките“ ја победија Англија со минимални 0-1. Мечот го одлучи младата ѕвезда Ендрик, кој во финишот на натпреварот го постигна единствениот гол.

Новиот бразлски селектор Доривал одбра релативно изменет состав за своето деби на клупата. Најзрелата шанса во првиот дел не ја искористи Лукас Пакета, кој со глава ја погоди стативата од голот на „Гордиот Албион“.

Во второто полувреме имаше серија измени на двете страни, а со тоа темпото на игра опадна. Бразилците го искористија единственото невнимание на домаќинот, акцијата тргна низ средината, Винициус Жуниор проби и шутна, а откако голманот Пикфорд му фати зицер, на одбиената топка налета Ендрик и го постигна голот.

 

Новата бразилска ѕвезда во 80. минута донесе триумф, постигнувајќи го својот дебитантски гол за националниот тим. Во судиското продолжение во една контра, младиот Ендрик можеше да постигне и втор гол, ама одново англискиот голман одбрани зицер.

https://twitter.com/i/status/1771638783294705876