Селекторот Милевски направи три промени во однос на мечот со Молдавија, а Македонија во првото полувреме беше поконкретна во нападот и се закани неколку пати кон голот на Шаркиќ.
Најопасен во нападот на Македонија беше Елиф Елмас, кој ја имаше најголемата шанса во 12. минута од натпреварот, но Шаркиќ одлично го одбрани неговиот удар и ја зачува мрежата на Црна Гора.
Црногорците до водство стигнаа во финишот на првиот дел во 45. минута по едно нафрлување, топката ја зафати искусниот репрезентативец Стеван Јоветиќ и ја смести во мрежата на Столе Димитриевски.
Македонија направи неколку промени во второто полувреме, но не вродија со плод, па резултатот не се менуваше до крајот на натпреварот.
Нашите репрезентативци претходно ремизираа против Молдавија (1-1) во првиот тест во Анталија.