Младата фудбалска репрезентација на Македонија загуби во денешната пресметка на домашен терен против Шведска (0-2) со што речиси и теоретски ги загуби шансите за пласман на ЕП 2025 дури и преку баражот во кој ќе се најдат второпласираните во групите.
За нашите таленти ова беше четврти пораз во досегашните шест меча по кои имаат шест бодови, дури седум помалку од Грузија која во моментов е веднаш зад неприкосновената Холандија. „Лалињата“ имаат седум од седум во досегашните квалификации и сигурна виза за следниот континентален собир.
Избраниците на селекторот Драган Канатларовски одиграа повеќе од солидно прво полувреме по кое резултатот беше изедначен (0-0), но по само две минути од продолжението Михаил Димитриевски престрого доби црвен картон по еден старт на средината од теренот, по што ситуацијата драстично се промени. Швеѓаните тоа го искористија дваесетина минути подоцна и поведоа со голот на Росенгер, додека во судиското продолжение преку Вилхелмсон само ја потврдија победата.
Македонските фудбалери до 21 година следните два квалификациски меча ќе ги одиграат во септември и тоа со гостувања прво кај Холандија, а потоа и кај Гибралтар.