Репрезентациите на Шпанија и Бразил одиграа спектакуларен меч на „Сантијаго Бернабеу“ кој заврши нерешено 3-3, а на истиот блеснаа Ламине Јамал и Ендрик.
Шпанците доминираа во првиот дел и стигнаа до водство од 2-0 со головите на Родри и Дани Олмо, но потоа Бразил преку Родриго и Ендрик израмни на 2-2.
Домаќинот повторно се врати во водство во финишот на средбата преку Родри, додека Пакета во 97. минута погоди за конечни 3-3.
Франција и Чиле исто така одиграа ефикасен натпревар, а славеа „триколорите“ со 3-2. Марселино Нуњез го доведе Чиле во водство, но Фофана и Коло Муани се погрижија за пресврт. Оливие Жиру зголеми на 3-1, а конечниот резултат го постави Осорио.
Хрватска славеше против Египет на гости со 2-4. Влашиќ, Петковиќ, Крамариќ и Ловро Мајер беа стрелци на головите за Хрватска.