Фудбалските репрезентации на Шпанија и Бразил одиграа експлозивен натпревар со шест гола на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, а публиката беше сведок на „магичните потези“ на играчи од кои се очекува да доминираат на светската сцена во наредните години.
Конечниот резултат беше 3-3, а сите што присуствуваа на натпреварот на стадионот на Реал Мадрид имаа што да видат. Сепак, едно момче покажа зошто веќе му се предвидува светска слава, но и бесрамни потези на ѕвездата на Реал и Бразил.
Чудото од дете на Барселона Ламин Јамал со своите потези уште еднаш покажа дека е вистински скапоцен камен. Младиот 16-годишен ас на Барса „танцуваше“ во домот на Реал, а тоа најмногу го налути Винициус, миленикот на мадридската публика.
Бразилецот, кој последните денови се претставуваше како жртва, во знак на немоќ двапати намерно го удри Јамал и предизвика голем револт кај шпанските навивачи, дури и кај оние на кои Реал Мадрид им е во срцето.
На новото чудо од дете сигурно му претстои голема кариера и Барселона мора да биде многу внимателна со него за да избегне евентуални повреди или преголем напор на неговото тело.