Фудбалерите на Шефилд Јунајтед и Фулам одиграа незаборавен натпревар во градот на челикот. До 58. минута резултатот беше 0-0, по што следуваше вистинска голеада и реми од 3-3.
На бодот повеќе се радуваа гостите од Лондон, бидејќи во финишот влегоа со два гола негатива, а она што го направи Родриго Муњиз во 93. минута уште долго ќе се прераскажува. 22-годишниот напаѓач во бразилски стил, со „ножички“, атрактивно ја погоди противничката мрежа и на Фулам му донесе реми од оваа средба.
Шефилд останува на дното со 15 бода, седум помалку од Нотингем Форест, кој го држи последното место, кое обезбедува опстанок, додека Фулам е дванаесетти со 39 бода.