Трагичен случај се случи во Ј. Африка. Јужноафриканскиот фудбалер, Лук Флерс, е убиен за време на кражбата на неговиот автомобил на бензинска пумпа во Јоханесбург.
Ова денеска го соопшти неговиот тим Кајзер Чифс, кој настапува во елитната конкуренција во Јужноафриканската република (ЈАР).
„Со голема тага објавуваме дека нашиот фудбалер, Лук Флерс, трагично го загуби животот при обид за кражба на автомобил во Јоханесбург“, објави клубот на социјалните мрежи.
Според полицијата, 24-годишникот, кој беше дел од репрезентацијата на Олимписките игри во Токио, чекал во својот автомобил да биде услужен, кога бил нападнат од двајца вооружени мажи.
„Осомничените му се заканиле со пиштол и насилно го извлекле од возилото, пред да му пукаат во горниот дел од телото. Еден од осомничените заминал во возилото на жртвата, а по него и неговиот соучесник“, изјавил портпаролот на полицијата.
Фудбалерот е прогласен за мртов веднаш по прием во болница, а полицијата веднаш започнала истрага и трага по осомничените.