Фудбалерите на Арсенал и Баерн Минхен во Лигата на шампионите одиграа возбудлив натпревар во Лондон. Во првиот четвртфинален дуел  англискиот и германскиот гигант одиграа без победник полуфиналистот ќе биде одлучен на реваншот во Минхен (2-2).

 

 

Мануел Нојер  уште во раната фаза беше приморан да ја вади топката од мрежата. Арсенал беше подобар на стартот, а по полушансата на Мартинели, во 12. минута Букајо Сака од своја позиција биеше неодбранливо за Нојер и Арсенал заслужено стигна до водство од 1-0. Само три минути подоцна, малку фалеше да биде 2-0 за домаќините, откако Бен Вајт од непосредна близина шутираше во противничкиот голман.

Баварците од првата посериозна акција стигнаа до израмнување. Германскиот репрезентативец и поранешен член на Арсенал, Серж Гнабри, се снајде во противничкиот казнен простор и го совлада Раја за 1-1. Во 32. минута некогашниот ас на Манчестер СитиЛирој Сане направи „дар-мар“ во одбраната на Арсенал и Салиба во знак на немоќ го собори за најстрога казна за Баерн.  Хари Кејн, со мајсторски изведен пенал донесе пресврт и предност на гостинот од 1-2, резултат со кој се замина на одмор.

Сане во акцијата ја направи смешна одбраната на Арсенал.

Прво испадна Кивиор, потоа клизаше и Жоржињо, а Салиба беше оној кој на крајот направи пенал.

Видеото погледнете го ТУКА

Арсенал во вториот дел започна уште поофанзивна игра, имаше иницијатива во продолжението, но никако не можше да го пробијат бедемот на фудбалерите на Баерн.

Во игра влегоа и Тросар и Габриел Жесус, а токму тие беа актери на вториот гол на домаќините. Во 76. минута Бразилецот го проигра Тросар, кој  го врати Арсенал во живот и израмни на 2-2. Баерн ја имаше единствената посериозна шанса за нов погодок, откако Кингсли Коман во првата минута од продолжението ја погоди стативата.

Во самата завршница Букајо Сака падна како покосен по еден дуел со Нојер и сите на „Емирати“ очекуваа најстрога казна, но судијата Најберг не мислеше така. Неколку секунди подоцна доби потврда од ВАР собата и досуди крај на натпреварот.

Реванш-средбата на „Алијанц Арена“ е закажана за 17 април.