Чави Хернандез, тренерот на Барселона беше прилично расположен на прес-конференцијата пред четвртфиналниот реванш од Лигата на шампионите против ПСЖ и најави уште една голема борба за пласман меѓу четирите најдобри.
Шпанскиот стратег е задоволен од изданието на првиот натпревар во Париз, а за реваншот најавува уште еден трилер-дуел во кој се надева дека токму неговата Барселона ќе излезе како победник.
„Ќе влеземе во мечот исто како да немаме никаква предност. На момчињата им ја објаснив важноста на овој дуел и сите се максимално мотивирани. Очекувајте уште еден трилер-натпревар, затоа што овие екипи во минатото покажаа дека секогаш играат возбудлив фудбал.
ПСЖ е исклучително сериозен тим со одлични поединци, но јас силно верувам во моите избраници и знам дека имаме квалитет за да го минеме францускиот првак. Барселона е голем клуб и тоа ќе го докажеме уште еднаш“, рече Чави.
Каталонскиот гигант славеше со 2-3 во првата пресметка и со еден гол позитива ќе влезе во возвратниот дуел со ПСЖ. Натпреварот е закажан за 16 април во вторник, со почеток во 21:00 часот.