Манчестер Сити нема да ја брани титулата во Лигата на шампионите откако доживеа елиминација во четвртфиналето од елитното натпреварување.
Во реваншот на домашен терен, премиерлигашот загуби од Реал Мадрид на пенали со 3-4 откако по 120 минути игра беше 1-1. Херој на „кралскиот клуб“ е голманот Андриј Лунин кој ги одбрани ударите од белата точка на Бернардо Силва и Матео Ковачиќ во втората и третата серија. За Реал непрецизен беше Лука Модриќ, но хрватскиот ас имаше среќа да не биде трагичар на својот тим во можеби последната сезона како член на Реал.
Елиминацијата на Сити можеби е незаслужена, но факт е дека англискиот тим не ги искористи своите шанси. Реал поведе во 12. минута преку Родриго, а се понатаму диктираше домашниот тим. За 120 минути игра упати 34 шута од кои 11 во рамките на голот, изведе 18 корнери, наспроти само еден на противникот, ама само еднаш ја затресе мрежата на Реал и тоа преку Де Брујне во 76. минута.
Пенал серијата на Итихад
Во полуфиналето, Реал ќе се сретне со добро познатиот ривал Баерн Минхен кој претходно го совлада Арсенал со 1-0. По елиминацијата на Атлетико и Барселона, мадридскиот тим ќе биде единствен шпански претставник меѓу четирите најдобри каде првпат од 2020 година ќе нема ниедна англиска екипа.