Во Белград се одигра големото дерби за кое долго ќе се зборува: Звезда со два пенала и сомнителен гол го победи вечниот ривал Партизан.

Најславните српски клубови Црвена Звезда и Партизан одиграа уште едно контроверзно дерби за кое ќе се зборува уште долго во иднина.

Победи актуелниот шампион и домаќин на овој меч со 3-2, но начинот на кој дојде до триумфот е максимално дискутабилен. Партизан два пати водеше, со 1-0 и 2-1, благодарение на головите на Баждар и Северина, а Звезда израмнуваше преку Канга од пенал во 90 мин. и Ндиаје во 109 мин. при една од најсомнителните одлуки на главниот судија Илиќ. При борбата за топка, Ндиаје го собори противничкиот фудбалер Марковиќ, но Илиќ не се огласи, дозволи играта да продолжи и играчот на Звезда ја затресе противничката мрежа.

 

Жестоки беа протестите на фудбалерите на Партизан кон главниот арбитар, дури неколку минути не сакаа да тргнат од центарот, но и по консултацијата со ВАР собата, Илиќ остана на својата одлука. Притоа покажа судиско продолжение од 15 кое на крајот траеше безмалку 21 минута. По шест минути игра, Звезда го доби и вториот пенал откако Антиќ го собори Букари во својот шеснаесетник, а Катаи беше прецизен од белата точка.

Со оваа победа, Црвена Звезда отиде на +10 во однос на Партизан и веројатно уште сега ги реши сите дилеми во борбата за шампионската титула.