Францускиот гигант ПСЖ продолжува со сигурни чекори кон титулата во Франција. Владетелот во земјата дома го суреди Олимпик Лион (4-1) и дојде до 19 победа по 29 одиграни кола во Лига 1.
Иако без најдобриот играч во тимот Килијан Мбапе, ПСЖ не виде многу мака со „лавовите“ кои се вратија во битка за Европа по кошмарниот старт на сезоната.
Едно полувреме беше доволно за ПСЖ да дојде до убедлива победа. Четири гола во мрежата на ривалот дадоа играчите пред домашната публика. Во 3. минута Матиќ си даде автогол, а потоа Бералдо со еден и Рамос со два гола донесоа убедлив плус за домашните. Единствен стрелец за Лион беше Нуама.
Во второто полувреме немаше голови, а фаворитот одигра онолку колку што беше потребно. И двата тренери ги штедеа играчите, бидејќи ги извршија сите замени.