Ракометарите на Веспрем буквално во последната секунда се изборија за минимална победа (32-31) над Алборг во првиот четвртфинален дуел од ЛШ. Унгарците долго беа во негатива, но на крајот успеаја да се радуваат пред многубројната домашна публика.
Алборг тргна фуриозно на стартот од првиот дел и покажа одлична игра во офанзивата, додека Веспрем имаше проблеми со реализацијата и на паузата беше во негатива од пет голови, 12-17.
Второто полувреме донесе многу посериозен пристап на домашните ракометари. Веспрем сакаше бргу да дојде до резултатска неизвесност, но Алборг не се предаваше лесно и го одржуваше водството некаде до 53. минута. Унгарскиот тим првпат израмни на 27-27 на шест минути до крајот, а потоа гостите успеаја повторно да поведат преку искусниот Микел Хансен (28-29).
Веспрем беше во проблеми по исклучувањето на Фабрегас, но успеа повторно да дојде до егал-ситуација на минута и пол до крајот. Тренерот Мадсен побара тајм-аут за Алборг, Данците постигнаа гол, но Веспрем веднаш возврати. Во последниот напад Алборг ја загуби топката, а домаќините успеаја со гол во последната секунда да триумфираат со конечни 32-31.
Најефикасен во победничкиот тим беше Французинот Ремили со шест гола, додека кај Алборг дури четворица ракометари забележаа по четири голови. Четвртфиналниот реванш дуел помеѓу Алборг и Веспрем ќе се одигра на први мај, по што ќе биде познат патникот на завршниот турнир во Келн.