Европската ракометна федерациа (ЕХФ) ги објави имињата на сите 16 учесници во групната фаза од ЛШ следната сезона, меѓу кои дополнително се најдоа уште шест екипи кои добија посакувана вајлд-карта.
Меѓу сигурните веќе беше македонскиот шампион Пелистер, кој ваквата привилегија ја доби поради одличните резултати на Вардар во изминативе години, а како потенцијални ривали денеска ги доби и Монпелје, кој е шампион од 2003 и 2018 година, Загреб и новото скандинавско чудо, Колштад. Станува збор за новиот шампион на Норвешка, кој е нов на ракометната мапа дури и во својата држава, но кој веќе има обезбедено огромен буџет и потпишано ѕвезди како Сандер Сагосен (Кил), Магнус Род и Горан Јоханесен. Последниот воз за ЛШ го фатија уште и Алборг, ПИК Сегед и Висла Плоцк.
Од конкурентите за вајлд-карта извиси Динамо Букурешт, кој минатата сезона играше во осминафиналето, како и Спортинг Лисабон, Кристианштад и Кадетен Шафхаузен, кои, пак, ќе им бидат ривали на Алкалоид, а можно е и на Вардар, кој прво треба да мине низ квалификациите за ова натпреварување. Ждрепката на групите е закажана за следниот вторник во Виена, а новата сезона во ЛШ ќе почне на 9 и 10 септември.
УЧЕСНИЦИ ВО ЛШ: Пелистер (МАКЕДОНИЈА), ГОГ, Алборг (Данска), Барселона (Шпанија), ПСЖ, Монпелје (Франција), Магдебург, Кил (Германија), Веспрем, ПИК Сегед (Унгарија), Кјелце, Висла Плоцк (Полска), Порто (Португалија), Целје (Словенија), Загреб (Хрватска), Колштад (Норвешка).