Данска е првиот финалист на СП во ракомет во Полска и Шведска, откако со 26:23 триумфира над Шпанија. Во финалето, противник на Данска ќе биде победникот од второто полуфинале меѓу Франција и Шведска.
Данците по трет пат во низа обезбедија финале на СП, во текот на целиот меч имаа контрола на резултатот и во ниту еден момент не дозволија Шпанија да води. Данска водеше и со 10:6, а на полувреме заминаа со највисока предност од пет гола (15:10).
Шпанците со серија од 4:0 стигнаа до 19:20 за неизвесен финиш. Шпанија во четвртфиналето во трилер завршница, на чудесен начин се спаси од пораз против Норвешка, но овојпат Данска не ја повтори истата грешка. Шпанската фурија наместо на збунети Норвежани налета на сконцентрирани Данци, кои умешно одолеаја на нападите. На 20:21, Данска повторно влезе во серија од четири голови за 25:20 и тогаш беше јасно дека тие ќе играат во третото мундијалско финале по ред, вкупно шесто во нивната историја.
Ова е трето по ред финале за Данците, што им дава шанса да станат први во историјата со хет-трик титули светски шампиони. .
Питлик со шест и Сагструп со пет голови беа најефикасни кај Данска, додека Алекс Душебаев со пет погодоци беше најпрецизен кај Шпанија. Во второто вечерашно полуфинале во Стокхолм силите ќе ги одмерат Франција и Шведска. Финалето е в недела.