Англискиот весник „Гардијан“ ја објави традиционалната листа на најдобри фудбалери за 2022 год. и нема дилеми- Лионел Меси беше најдобар.
Меси во декември го освои трофејот што му недостасуваше во трофејната колекција, со Аргентина стана светски шампион, а фудбалерот на ПСЖ беше прогласен за најдобар играч на Мундијалот.
„По слабата 2021/22 сезона, која му беше прва во ПСЖ, никој не знаеше што да очекува од Меси на Светското првенство. Меѓутоа, тој во новата сезона се појави максимално подготвен и играше во неверојатна форма. Само на четири натпревари во Лига 1 не даде гол или немаше асистенција, а на СП во Катар ја предводеше Аргентина до титула, прва за Гаучосите од 1986 година. Меси ја водеше Аргентина постигнувајќи седум гола, од кои два во финалето“, пишува „Гардијан“ за Меси.
Зад Меси, се најдоа Французите Килијан Мбапе и Карим Бензема. Мбапе беше најдобар стрелец на СП во Катар, додека Бензема со Реал Мадрид триумфира во Лигата на шампиони и во Ла Лига. Четврти е Ерлинг Халанд, а петти капитенот на Хрватска, Лука Модриќ, кој и на 37 години игра фантастично.
Во топ 10 на листата на најдобри фудбалери на „Гардијан“ се наоѓаат и Кевин де Брујне, Роберт Левандовски, Винисиус Жуниор, Тибо Куртоа и Мохамед Салах.
Интересно е што Кристијано Роналдо го нема меѓу најдобрите 50-мина фудбалери, Португалецот е сместен на 51-вото место.
„На сите добри работи мора да им дојде крајот, па и 2022 беше годината во која Кристијано Роналдо за првпат испадна од топ 10 откако беше воведена оваа ранг-листа во 2012 година. Двојниот победник во изборот на најдобри фудбалери на „Гардијан“, сега падна на 51-вото место“, пишува, меѓу другото, весникот.