Големиот талент на Барселона, фудбалскиот бисер Пау Кубарси, добива нов договор од каталонскиот гигант и наскоро ќе потпише соработка со откупна клаузула во вредност од една милијарда евра, јавуваат шпанските медиуми.
17-годишниот Кубарси сезонава зодигра вкупно дваесет настапи за Барса и покажа дека тренерот Чави Хернандез може да смета на него, иако сѐ уште е многу млад, а интересот од другите клубови расте со секој изминат ден. Токму затоа управата реши да го „врзе“ талентот и да го задржи долго во своите редови, па официјалната потврда за новиот договор се очекува многу наскоро.
Досега Кубарси имаше договор до 2026 година, но се претпоставува дека новата соработка ќе трае најмалку до 2029 година, а воедно ќе добие и значително поголема плата. Новинарот Фабрицио Романо пишува дека спортскиот директор на Барселона, Португалецот Деко, веќе се договорил со агентите на младиот играч и од него во иднина се очекува да биде еден од носителите на дефанзивата во првиот тим.