На денешен ден во 2005 година почина еден од најдобрите светски фудбалери Џорџ Бест.
На теренот важеше за фудбалско божество, поради неконтролирана конзумација на алкохол му пресадиле црн дроб, но тој продолжил да се дружи со шприцерот.
Џорџ Бест е роден на 22 мај 1946 година и беше крилен напаѓач на Манчестер Јунајтед и репрезентацијата на Северна Ирска.
Тој беше член на познатата генерација на „бебињата на Базби“, која на Манчестер му го донесе првиот Куп на европски шампиони во 1968 година. Истата година е прогласен за најдобар фудбалер во Европа во традиционалниот избор на France Footbal.
Во бројни анкети тој е рангиран меѓу најдобрите играчи во светот на сите времиња, а во родната Северна Ирска е издигнат до статус на божество.
Од самиот почеток неговиот начин на живот направи голема пречка за неговата кариера, поточно љубовта кон алкохолот, која на крајот го чинеше живот. Иако имаше трансплантација на црн дроб, тој почина во Лондон на 25 ноември 2005 година откако му откажаа бубрезите.
На неговиот погреб во родниот Белфаст се собраа околу 100.000 луѓе, кои и покрај дождот кој паѓаше цел ден, дојдоа да му оддадат почит на најдобриот фудбалер на Северна Ирска и еден од најдобрите играчи на сите времиња.
Неговите сонародници му се оддолжија и со именување на меѓународниот аеродром во Белфаст по него, а банката Алстер издаде милион банкноти од пет фунти со неговиот лик на годишнината од неговата смрт.
Џорџ Бест бил срамежлив тинејџер кој слободното време го поминувал во билијард клубови. Сепак, подоцна стана препознатлив по долгата коса, убавиот изглед и екстравагантниот начин на живот.
Иако фудбалското знаење му донесе слава, тој не можеше да се справи со предизвиците што се појавија. Алкохол, забави до доцна, жени. Тој уживаше во сето тоа и како резултат на тоа го напушти врвниот фудбал во 1972 година на само 26 години.
Тој го допре дното во 1984 година кога отслужуваше два месеци затвор за возење под дејство на алкохол и напад на полицајци. Борбата на Бест со шишето била долга. Во 2001 година бил примен во болница поради проблеми со белите дробови. Во 2002 година беше извршена трансплантација на црн дроб, која беше на товар на државата, која беше осудена на неуспех поради неговиот проблем со алкохолизмот.
Бест бил примен на интензивна нега на 3 октомври 2005 година, поради инфекција на бубрезите, која ја добил затоа што земал лекови кои требало да го спречат да продолжи да пие. На 20 ноември, еден британски таблоид објави негова слика во болнички кревет, каде што испрати порака: „Не умирајте како мене“. Почина на 25 ноември 2005 година на 59-годишна возраст.