Кошаркарите на Далас Маверикс се пласираа во втората рунда од плејофот, откако доминирааа во сите 48 минути  и го растурија тимот на ЛА Клиперс (114-101) за вкупни 4-2 во серијата.

„Телињата“ од првиот до последниот момент ја контролираа играта и резултатот, а за тоа говори фактот што противникот само еднаш беше во водство. Највиското водство на составот од Тексас беше плус 24 (106-82) како доказ дека триумфот е заслужен. Лука Дончиќ кој знае по кој пат одигра магично и средбата ја заврши со 28 поени, седум скока и 13 асистенции, а идентично добра партија прикажа и Кајри Ирвинг со 30 поени. Далас во полуфиналето од Западната конференција ќе ги одмери силите со Оклахома сити тандерс, тимот со најдобар скор во оваа конкуренција во регуларниот дел од сезоната.

 

 

Во серијата помеѓу Орландо меџик и Кливленд кавалирс продолжи доминацијата на домашните екипи, па „магичните“ со третата победа пред своите навивачи (103-96) се изборија за „мајсторка“ која ќе го даде патникот во следната рунда. Досега секоја од екипите ја задржа предноста на домашниот терен, поради што за очекување е „коњаниците“ да бидат во улога на фаворит за пласман понатаму.

 

Тоа беше дуел со неколку пресврти, кој Орландо го „заклучи“ со серијата 9-2 кон средината на последниот период (98-91), кога од егал дојде до опиплива предност која ја задржа до крајот. Банкеро со 28 и Вагнер со 27 поени беа најпрецизни во победничкиот состав, додека на Кливленд не му помогна ниту фантастичната партија на Донован Мичел, кој постигна 50 поени.