Фудбалерот Агер Акетче е добро познато име за оние фудбалски фанови кои со години наназад ги следат случувањата во Ла Лига, а искусниот играч за врска во својата досегашна кариера најмногу се прослави со разорниот шут.

Баскиецот има вистински топ во левата нога и минатите сезони ги почести фановите со неколку незаборавни голови од дистанца, но сега според Шпанците тој го постигнал и најдобриот пенал во историјата на шпанскиот фудбал.
Еибар се бори за промоција во Ла Лига и влегува со реални шанси за такво нешто во последните четири кола, особено по уверливата победа над Аморебиета.

Баскискиот тим победи со 5:0 на домашен терен изминатиов викенд, но погодокот кој го постигнал Акетче за 2:0 бил вистинско фудбалско ремек-дело.

Акетче распалил по топката со цела сила и го погодил самиот агол од голот, па Шпанците се уверени дека ова е најдобриот и најефектниот пенал кој е виден во професионалните лиги во оваа земја во последните децении.